Министерката за одбрана Славјанка Петровска синоќа во Мадрид учествуваше на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата:„Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан”.
Во дискусијата, како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска потенцираше дека ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против ваквите закани и безбедносни ризици како и дека надминувањето на ваквите предизвици се еден од приоритетите на НАТО и дел од дискусиите на Самитот.
-Она што нам ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите. Исто така, ни треба образование кое ќе ги оспособува граѓаните за критичко размислување. Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор”, истакна Петровска.
Министерката Петровска се наврати на успехот на политиката на отворени врати на Алијансата и нагласи дека потребно е тој да се преслика и со проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан со што ќе се зацврсти безбедноста и ќе овозможи поголем просперитет, а во спротивно, отсуството на кредибилната европска перспектива може да има повеќекратни негативни тенденции на овие простори.