Членството на Македонија во НАТО ја зацврсти стабилноста и безбедноста на Балканот, а особено на Западниот Балкан. Со учеството на над 60 припадници на Армијата во НАТО мисијата на Косово, КФОР, придонесуваме во регионалната безбедност и цврсто сме посветени на вредностите на Алијансата како кредибилен сојузник, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан кој престојува во својата прва официјална посета на нашата земја по преземањето на оваа функција во декември минатата година.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Пич како одличен познавач на Западниот Балкан, поранешен претседавач на Воениот комитет на Алијансата, изразил задоволство што Северна Македонија повеќе од една година е полноправна членка на Алијансата.
Тој го поздравил фактот што Македонија ја заврши воената интеграција во само 19 месеци, што, како што посочуваат од Министерството, е рекордно брза воена интеграција во историјата на НАТО.
Министерката Петровска и специјалниот претставник на Обединетото Кралство на средбата разговарале и за билатералната одбранбена соработка помеѓу двете земји, за која се согласиле дека е исклучително интензивна и корисна за двете земји, за регионот и за НАТО.