Апсолутно сметам дека имаме потенцијал да имаме прва жена генерал и ја сум подготвена да поддржам такво решение, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Петровска денеска во гостување во емисијата „Утрински брифинг“, на прашањето кога Северна Mакедонија ќе има жена генерал, рече дека армиските сили имаат квалитетни кандидатки.
– Од моето неколкумесечно искуство и директна соработка и работа со персоналот и во Министерството и во Армијата, бидејќи кандидатката треба да биде воено лице, апсолутно сметам дека да – имаме таков потенцијал и мислам дека тоа е нешто што треба да се валоризира, не само заради тоа што некој е жена, туку заради тоа што навистина поседува квалитети, изјави министерката.
Таа додаде дека во Министерството за одбрана и во Армијата во тек се проекти кои ги спроведуваат во соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации и со Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), кои се однесуваат на таргетирање на родово сензитивни прашања.
– Тие вродуваат со огромен успех и се разбира дека секогаш ќе ја имаат мојата политичка поддршка за тоа, додаде Петровска.