Регионалната безбедност, потребата за итна де-ескалација на состојбата на Косово и искрен дијалог за сите отворени прашања, како и придонесот на Македонија кон одржување на стабилноста на Балканот, беа темите на кои министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерството за одбрана разговараше со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал мајор Анџело Микеле Ристуча.
Во соопштението од МО се вели дека Петровска истакнала дека во време на нарушена безбедност на континентот, Западен Балкан мора да остане безбеден и стабилен и порачала дека патот кон оваа стабилност е преку дијалог, меѓусебно почитување и лидерство.
На регионот му се потребни мир, безбедност и демократија. За да зборуваме за економски напредок, мора да имаме мир и безбедност. Тоа е она што го ветуваме во политичките кампањи и тоа е она што мора да го оствариме. Секоја своеволна одлука е на штета на граѓаните и носи штета на иднината на државата, но и на регионот. Сега не е време за грижа за сопствените рејтинзи, туку грижа за сегашноста и иднината на граѓаните во државите во кои живееме. Затоа јасно треба да повикаме на лидерство, на дијалог помеѓу двете страни и на храброст во овозможувањето на подобра иднина за целиот регион, рекла министерката на состанокот.
Петровска истакнала дека Македонија, која пред само неколку години била на раб на криза, денес е активен учесник во зацврстувањето на сигурноста и стабилноста и на евроатлантската област и на нашиот регион.
Одлуката да дадеме придонес кон безбедноста на Косово, со учество на македонски војници во НАТО мисијата во оваа земја, беше инвестиција за стабилен регион. Македонија отсекогаш била глас на разумот на Балканот, а денеска и на терен овозможуваме мисијата на КФОР да биде целосно исполнета, нагласила Петровска.
Генералот Ристуча, во контекст на безбедносната состојба на Косово порачал дека е потребно и двете страни да преземат целосна одговорност за случувањата и да превенираат понатамошна ескалација. Командантот на КФОР се заблагодарил за македонскиот придонес во оваа мисија за кој рекол дека е доказ за посветеноста на Македонија кон регионалната безбедност.
Македонија во КФОР придонесува со 65 армиски припадници и тоа во рамките на Регионалната команда на КФОР – Запад во Пеќ. Во моментов во оваа НАТО мисија придонесуваат 27 земји со околу 4.500 војници.