Во интервју за МИА, кое ќе биде објавено утре, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пренесува дел од дискусиите на министерскиот состанок на НАТО на кој таа учествуваше за првпат откако е на функција, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Како и останатите земји сојузнички на НАТО, С. Македонија ги поздравува најавите за дипломатски напори во решавањето на кризата помеѓу Русија и Украина, но деескалацијата треба да се покаже на дело.

– Политички секако дека ги поздравуваме изјавите дека и Руската Федерација која објави дека ќе повлекува дел од своите трупи, но тоа велам политички ги поздравивме, и тоа е за поздравување и теоретски веројатно води кон чекор на деескалација на состојбата. Но она што за нас е многу битно е да видиме и на терен поместувања во таа насока. Информациите кои по официјалните канали на НАТО структурите, од разузнавачките заедници, се добиваат е дека на терен не е видливо, тие зборови не се пресликани на терен. Така што поприлично внимателно ја следиме состојбата, вели Петровска во интервјуто за МИА.

Таа нагласи дека безбедносната состојба во Европа не може да се нарече релаксирана, и дека континентот се соочува со ризици од различен вид, но инсистира и на важноста на солидарноста и сигурноста што ја пружа членството во НАТО.

Петровска зборува и за изгледите на членството на Украина во НАТО, распоредувањето на борбени трупи на југоистокот на Европа, безбедносната состојба на С. Македонија, односите со Русија, но и зголемената буџетска стапка посветена на одбраната и модернизацијата на македонските воени сили.

Целосното интервју заедно со видео материјалот МИА ќе го објави утре.