Марија Петрушевска, пратеничка во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во денешното издание на регионалната телевизија Њусмакс се осврна на темата за Самитот на Европската унија-Западен Балкан, при што истакна дека Македонија останува цврсто посветена на реформите, регионалната соработка и усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„Овој Самит претставува исклучителна можност, токму челниците на ЕУ да ја потенцираат политиката на проширување, како дел од својата геостратешка определба и приоритет кога станува збор за силна и обединета Европа. Сите земји од Западен Балкан, не само географски, туку и културолошко припаѓаат во тоа европско семејство. Овој Самит е дел од таа стратешка агенда на ЕУ со којшто ќе се потенцира или повторно ќе се адресира прашањето, дека политиката на проширување особено кога се однесува на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија е високо на агендата“, посочи Петрушевска и додаде:
„Очекуваме на овој Самит да се адресираат и прашањата кои што ги засегаат и регионот, а во којшто е вклучена и Македонија. Тоа е регионалната соработка, потоа прашањата кои што се поврзани со надворешната и безбедносната политика. Во овој дел, Македонија е навистина во еден чекор понапред споредбено од нашите соседи“.
Петрушевска додаде дека во последниот Извештај на Европската комисија, во делот на надворешните односи, како што вели таа, се потенцираше дека земјата останува во целост усогласена со надворешната и безбедносна политика на ЕУ.
