Апасиев денес пишувал за „дно“, „олоши“ и, замислете, за морал. Истиот тој Апасиев кој со години, без трошка човечност, ја користеше секоја сообраќајна несреќа, секоја трагедија и секоја човечка загуба за најниска дневнополитичка пресметка, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

-Истиот тој Апасиев кој без трунка емпатија лепеше етикети, делеше навреди и пресуди, и охрабруваше јавни линчувања. Денес, кога станува збор за негов пратеник, одеднаш бара „тишина“, „разбирање“ и „неполитизирање“. Не може Апасиев, кој со години ја хранеше јавноста со омраза и осуди без факти, да се претставува како жртва на сопствените методи, напиша тој.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, во врска со сообраќајната несреќа што се случи на 14 септември годинава во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот М.Д., а неговиот 13-годишен сопатник беше тешко повреден.

Од Обвинителството наведуваат дека утврдените околности укажуваат на споделена одговорност во настанувањето на несреќата, поради што било неопходно да се поднесе обвинение и случајот да добие судска разврска.

Пратеникот порача дека институциите мора да си ја завршат својата работа без селективност и без притисоци.

-Но јавноста има право да види и кој е принципиелен, а кој е гласен само кога му одговара. Апасиев не е жртва на политичка хајка. Апасиев е заложник на сопственото лицемерие. А лицемерието не се брише со навредлив Фејсбук статус. Тоа се гледа и се памети, порача Петрушевски.