Молчев за мизерната конструкција дека физички сум нападнал колешка, затоа што клеветеа од говорница, каде ги штити имунитетот, пишува на социјалната мрежа на Фејсбук пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Застрашувачки е што СДС почна да си верува во сопствените лаги и конструкции како во најцрните комунистички режими, па се дрзнаа да лажат и да ме клеветат на национален медиум.
Сакајќи да релативизираат случај на навреда на пратеничка од страна на премиерот, а мислејќи дека ќе ме заплашат да не ги изнесувам јавно нивните криминали, свесно и со намера да ѝ наштетат на мојата чест и мојот углед како избран пратеник во Собранието на Република Македонија, изнесоа невистинити тврдења за мене, за кои согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во рок од 48 часа очекувам јавно извинување до мене лично, а истото извинување да биде доставено и до телевизијата каде е сторена клеветата.
Во спротивност ќе бидам приморан пред надлежен суд да поднесам тужба за утврдување на одговорност и надоместување на штета за клевета, а евентуалниот финансиски надоместок ќе го донирам во хумани цели.
Единствената вистина е дека на собраниска седница, од место имаше моја вербална реакција со повторување на гнасните навреди кажани од страна на пратеничката, за што, не заради неа, туку заради моето домашно воспитување сепак лично и се извинив.
Повелете детали со докази за изнесената клевета, пишува во својата објава Петрушевски.