Фактите не се навреда, туку реалност – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, реагираше по повод барањето за демант од Талат Џафери, нагласувајќи дека на неговата денешна прес-конференција биле изнесени факти, а не невистини. Тој посочи дека јавноста има право да знае како функционирале државните институции во период кога, како што вели, СДС и ДУИ ја третирале државата како партиски плен.

„Фактите не се навреда, туку реалност. Во мојата денешна прес-конференција не беше изнесена ниту една лага или невистина“, истакна Петрушевски.

Тој нагласи дека јавноста била информирана за, како што рече, неспорен факт, дека ќерката на Талат Џафери била член на Надзорниот одбор на државната компанија ЕСМ Снабдување со топлина.

„Јавноста беше информирана за еден неспорен факт, дека ќерката на Талат Џафери била член на Надзорен одбор на државната компанија ЕСМ Снабдување со топлина, во време кога СДС и ДУИ ја третираа државата како партиски плен“, наведува Петрушевски.

Тој потенцира дека никогаш не тврдел оти таа била член на Управен одбор на АД ЕСМ, ниту, пак, била изнесена лична квалификација.

„Никој не тврдеше дека таа била член на Управен одбор на АД ЕСМ, ниту пак беше изнесена лична квалификација. Беше посочена политичка одговорност и системска пракса на непотизам“, рече тој.

Петрушевски смета дека наместо, како што вели, обиди за релативизирање преку правни финеси, потребно е да се одговорат суштинските прашања.

„Зошто блиски роднини на највисоки функционери добивале позиции во државни компании? Зошто СДС и ДУИ молчат за тендерите од 8 милиони евра и сомнежите за перење 2 милиони евра? И зошто секој обид за отворање на овие теми се дочекува со деманти, а не со факти и одговорност?“, праша Петрушевски.

Тој порачува дека јавноста не очекува извинувања, туку одговори.

„Јавноста не бара извинувања. Јавноста бара одговори“, дециден е Петрушевски.

Во објавата тој наведува дека станува збор за одговор на барањето за демант упатено до него од Талат Џафери, со приложени фотографии од самото барање и од денешната прес-конференција.