„Многу ветуваа овие двајца функционери од Куманово конкретно за Куманово и кумановци, меѓутоа бенефит освен тие двајца на високи плати, друг кумановец не виде од нив. за жал гледаме градот не само што стагнира туку и се уназадува, па дури и од овдека можеме да погледнеме одредени објекти кои што се ругло на градот, кои што апсолутно немаат намера барем да ги отстапат на Општината за да може да ги реконструира. Имаше последен таков случај со познатиот Пионерски дом, го знаат кумановци, посебно повозрасните. Шест години го раководи МТСП и шест години објектот пропаѓа. Тој објект го побараа од Општината да го добие, да го реконструира меѓутоа беше одбиено со образложение дека зградата ќе била наменета за свои потреби“, истакна Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во воведниот дел на трибината на тема „Младински политики“ која е во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите“.
Петрушевски додаде дека не само што се гледа негрижата туку се гледа и осветата на Социјалдемократскиот сојуз кон кумановци затоа што првпат по 30 години не им ја дадоа власта во Куманово за да ја узурпираат Општината како што впрочем тоа го правеа изминатите 30 години.
„Од друга страна она што мора да се истакне, а е актуелно периодов тоа е нели онаа фамозна изградба на Коридорот 8. Меѓутоа делниците од Коридорот 8 кои што ќе се градат само Тетово, Гостивар, Букојчани, Требеништа, Струга, Ќафасан, јас морам од ова место, од оваа позиција пред сите Кумановци овдека да ги потсетам дека на Коридорот 8 лежи и Куманово. На Коридорот 8 лежи и Крива Паланка. И на Коридорот 8 завршува или почнува, зависи како гледаме од Деве Баир, така што мислам дека и жителите на овие градови заслужуваат автопатско решение како би можел тој Коридор 8 да биде комплетен“, појасни пратеникот.
Тој посочи дека од друга страна мора да ги потсети и граѓаните дека на времето ВМРО-ДПМНЕ имаше реконструкција на Коридорот 10 значи Куманово – Скопје автопатот до Миладиновци, меѓутоа изградба на нов автопат од Куманово до Табановце од Коридорот 10 кој што не беше автопатско решение. Тоа се дела кои што се гледаат.
„За жал иако споменавме дека нели Куманово е крстосница на Коридорот 8 и Коридорот 10 и геостратешки има многу поволна позиција за развој на стопанствата, на економијата и со тоа нови работни места, не се чувствува тоа апсолутно во градот. Она што фали во градот е една индустриска зона која што ќе ги провлече тие инвестиции странски и она што можам да го кажам е дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски апсолутно ќе се ангажира во делот на развој на една таква зона и провлекување на странски инвестиции затоа што Куманово има таква геостратешка положба како крстосница на двата Коридора“, нагласи Петрушевски.
Тој истакна дека Куманово е заборавено од страна на власта. Граѓаните се разочарани од власта и бараат избори за да ја казната сегашната Влада.
„Театарот се реконструира не знам колку години само заради тоа што се неспособни, еден обичен тендер за реконструкција на театар не знаат да направат. И затоа кумановци се ускратени долг период да немаат театарска претстава. Домот на културата не ја презеде таа функција, апсолутно лошо се менаџира. Од друга страна народот си го бара своето, а казната ќе им стигне на наредните избори кога ќе објаснат зошто немаме кино, зошто немаме театар и зошто немаме културен живот, и зошто младите се оставени сами на себе“, порача пратеникот.