Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на Ваша страна на ТВ Телма, вели дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не присуствувала на сесијата за четвртата рунда во процесот Жан Моне бидејќи спикерот на Собранието Талат Џафери прави приватна журка игнорирајќи ги пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери си прави „приватна журка“ зашто на последната сесија преговарал како да ги заобиколи работните тела и да си гласаат закони на пленарна седница кои им одговараат, посочи Петрушевски.

Во однос на дебата во собранието, Петрушевски обвини дека недостасува комуникација во парламентот бидејќи владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ не ги прифаќа издржаните аргументи на опозицијата, посочувајќи дека се обиделе да го изгласаат сегашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовевски за уставен судија од 9 годишен мандат без истиот да ја презентира својата биографија пред пратениците.

-Недостасува комуникација во собранието, дебата низ аргументи и почитување на опозицијата, и уважување на издржаните аргументи на опозицијата. Да ќе зборуваме и 20 часа ако Љубомир Јовевски е кандидат на СДСМ за уставен судија за 9 годишен мандат без да се појави во собрание. Па да не го видевме на телевизија немаше да знаеме како изгледа. Главниот државен обвинител го предлага политичка партија да биде уставен судија без да дојде во собрание со едно ливче хартија биографија и тие очекуваат ние да се сложиме со тоа. Никогаш не побараа дебата, разговор за да утврдиме кој може да биде уставен судија, рече тој.

Петрушевски изјави дека законите кои се во интерес на граѓаните ги поддржуваат, меѓутоа оние закони со кои пратениците на СДСМ и ДУИ се обидуваат да го кршат уставот и да извршат партизација ги блокираат и ќе продолжат да ги блокираат бидејќи не се во интерес на граѓаните.

-Има закони кои што ги гласаме без приговор. Секој закон кој што е за поголем финансиски инпут, за социјално загрозените категории, помош мерки за ковид мерки, пандемија, сите тие сме ги гласале без проблем. Меѓутоа кога гледаме дека се врши брутална партизација и се крши уставот на државата и те како ќе се бориме да спречиме да не се донесе одреден закон или одлука, порача Петрушевски.