Состојбата во јавното обвинителство – преку стотина кривични пријави поднесени за висока корупција

Во гостување на телевизија Алфа во емисијата „За или против“, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски зборуваше за состојбата во јавното обвинителство и најави реформи. Тој истакна:

„Преку стотина кривични пријави имаат поднесено институциите надлежни за прогон, од коишто над 40 се за висока корупција и за високопрофилирани личности. Ние дадовме шанса на овој јавен обвинител којшто е избран од СДС и ДУИ, ние имавме 16 месеци јавен обвинител којшто не беше избран од владеачкото мнозинство и му дадовме шанса да работи, нема еден граѓанин којшто ќе ви каже дека добро работи јавното обвинителство. Доживотни мандати имаат, уживаат имунитет, се што треба државата им обезбедила, она коешто се бара од нив тоа е да испорачаат неселективна правда.“

Реформи и нови закони за правосудството

Петрушевски истакна дека Македонија влегува во период на реформи во правосудството, со компетентни луѓе на вистински позиции.

„Правдата ќе почне да се чувствува во Република Македонија, дел од овие реформски закони коишто допрва ќе стигаат во Собранието, се составен дел на планот за раст на Европската Комисија, коишто ја бараат таа реформа од нас, ќе имаме 12 закони само од овој правосуден сегмент коишто во 2026 година ќе стапат на сила, имаме во завршна фаза комплетно нов Кривичен законик.“

„Заштитен знак во 2026 година ќе биде почеток на носење на правдата во Република Македонија, затоа што самите закони се така направени да полека го чистат тој талог во јавното обвинителство и во судството, и ќе доаѓаат луѓе на вистински позиции, луѓе коишто пред се компетентни и коишто можат да се носат со функциите во правосудниот систем. Ќе имаме добар период во 2026 за правдата во Република Македонија, тоа граѓаните го бараат, полека ги реформираме и овие најзаостанати сегменти во нашето општество.“