Петтиот ден од кампањата носи нови митинзи и средби со граѓани низ целата земја

Петтиот ден од кампањата за локалните избори 2025 продолжува со интензивни активности на кандидатите и партиите.

Денеска ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи митинзи во Новаци од 17:00, во Могила од 18:30 и во Битола од 20:30 часот, додека караванот на СДСМ и Коалицијата е предвиден во Дебарца и Вевчани од 17:30, во Струга од 18:30, а митингот во Охрид ќе почне во 20:00 часот.

Во Гостивар, кандидатот за градоначалник од коалицијата АКИ, Валбон Лимани, ќе ја претстави изборната програма во малата сала на Центарот за култура со почеток во 14:30 часот. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, заедно со кандидатот за градоначалник Дарко Грујоски и носителот на листата Никола Исаковски ќе одржат средби со граѓаните во Гостивар, а потоа ќе продолжат во Тетово, каде ќе се сретнат со Катка Божиноска и носителот на листата Боби Илиевски.

Независниот кандидат за градоначалник на општина Гостивар, Висар Адеми, денеска ќе ја презентира изборната програма 2025-2029 во центарот „I-Can“ со почеток во 18:00 часот. Политичката партија Демократи ќе одржи прес-конференција пред Уставен суд во 12:00 часот.

Изборната кампања започна во понеделникот и ќе трае до 17 октомври на полноќ, по што следува 24-часовен молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.

Според Изборниот законик (член 69а), за изборна кампања се сметаат јавно собирање и други јавни настани, јавно истакнување на плакати, видео-презентации на јавни места, медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати и нивните програми.

Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, што вкупно претставува 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – шеснаесет.