Во изминатите три дена (20 до 22 април) се одржа петтото издание на манифестацијата „Златна рамка“ – Во наш филм, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Од година во година се зголемува посетеноста на фестивалот, а годинава публиката во Кино „Фросина“ во МКЦ и во Кинотека на Македонија можеше бесплатно да погледне вкупно 13 македонски филмови од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, три документарни и седум краткометражни филмови.
Љубителите на филмот имаа можност да ги погледнат долгометражните филмови „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Мими“ на Даријан Пејовски и „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска, како и документарните остварувања „How do you define arrogance“ режиран од Небојша Илијевски, „Фениксот од Кавадарци-Васил Хаџиманов“ во режија на Мишо Нетков и „Звукот на тишината“ на Анастасија Лазарова. Краткометражната програма ја сочинуваа филмовите „Тале и Корона“ во режија на Томислав Алексов, „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Обичната Ели“ режиран од Лавинија Софрониевска, а беа прикажани и „Синиот час“ во режија на Ана Јакимска, „Си беше еднаш еден звук“ на Огнен Шапковски, „Бесценета“ режиран од Дејан Јиованов и „Соло Мод“ во режија на Тамара Котевска.
Покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, во рамките на „Златна рамка“ продолжи и спроведувањето на социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не можеше да ги посети киното салите. Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, годинашната „Златна рамка“ ја одбележаа кино проекции во рамки на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Годинава, проекции беа прикажани за студентите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на 20 април, Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 21 април, како и во затворот во Шуто Оризари на 22 април. Овие дисперзирани проекции како дел од „Златна рамка 23“, а поместени во програмата „Фокус“, во иднина ќе бидат надградени и со инвентивни работилници и проекции чија крајната цел е инклузивноста на маргинализираните групи на граѓани во тековите на културниот живот.
Одбележувајќи го петтото издание на „Златна рамка“, ДФРМ ги додели и традиционалните почесни награди „Златна рамка“. Добитник на наградата филмски автор годинава е Емилија Ивановска-Атанасовска, признанието филмски работник му припадна на Драги Јанчев-Црни, додека наградата филмски актер ја доби Камка Тоциновски.