Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска потврди дека Иран и САД ќе потпишат меморандум за разбирање в петок, но не ја прецизираше точната локација на потпишувањето, пренесува агенцијата Мехр.

– Меморандумот за разбирање за прекин на војната меѓу Иран и САД ќе биде потпишан в петок. Овој меморандум претставува извор на гордост не само за нашата земја, туку и за целиот регион и за иранските регионални сојузнички групи – изјави Пезешкијан.

Како што наведе тој, доколку сите точки од меморандумот правилно се имплементираат, тој ќе се смета за „чесен документ за земјата“. Тој додаде дека повеќе од 90 отсто од членовите на Врховниот совет за национална безбедност на Иран го поддржале нацрт-меморандумот.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денеска изјави дека договорот што го постигнал со Иран „на крајот ќе обезбеди преминот низ Ормуската Теснина да биде трајно бесплатен“. Трамп, во телефонско интервју за Њујорк Тајмс, го истакна повторното отворање на тој витален воден пат како клучно достигнување на договорот.