30-годишна жена од Кавадарци утрово била лишена од слобода откако, според пријавата, со остар предмет го повредила својот сопруг во семејниот дом.
Инцидентот се случил околу 6:30 часот, кога по вербална расправија меѓу сопружниците, жената наводно му нанела повреди на 43-годишниот сопруг. По пријавата, полициски службеници од ОВР Кавадарци излегле на местото на настанот и ја привеле осомничената.
Од СВР Велес соопштија дека остриот предмет со кој бил извршен нападот е пронајден и одземен. При полициската постапка, кај жената биле измерени 2,61 промили алкохол во крвта.
Таа е задржана во полициска станица, за случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
