Нема алармантно зголемување, вакцинирани се 77.000 граѓани

Пикот на сезонскиот грип се очекува да биде во наредните две до три недели, а во овој период секоја година се бележи пораст на бројот на пациенти кои бараат здравствени услуги. Ова денеска го изјави министерот за здравство Азир Алиу, информирајќи за актуелната состојба со грипот во земјата.

Тој појасни дека во моментов нема зголемен број заболени што би можел да се оцени како алармантен, споредено со состојбата во претходните години. Според неговите зборови, моменталните бројки не отстапуваат од вообичаените сезонски трендови.

„Сè уште не сме во самиот пик на сезонскиот грип за да може да се направи соодветна споредба меѓу оваа и минатата година. Сакам да информирам дека оваа година, за првпат, 77.000 граѓани веќе се вакцинирани против грип. Тоа е најдобриот начин да се создадат услови телото да биде заштитено од сезонскиот грип“, нагласи Алиу.

Министерот потенцираше дека на располагање остануваат уште околу 3.000 дози вакцина против грип, кои може да се искористат во наредниот период.

„Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат не треба да се пријавуваат преку системот за вакцинација. Тие можат директно да се обратат во здравствените установи и таму да ја примат вакцината. Ова е единствениот начин на кој можеме да ги заштитиме граѓаните, особено чувствителните групи, како постарите лица, бремените жени и здравствените работници“, додаде Алиу.

Изјавите министерот ги даде одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата организирана по повод кампањата за подигнување на јавната свест за опасностите од употребата на пиротехнички средства.