Патот што го „глумеше“ вештачката интелигенција – сега е реалност на терен
По повеќегодишни одложувања, денес официјално е пуштен за сообраќај експресниот пат од Фариш до Дреново, делница долга 10,2 километри со вредност од речиси 45 милиони евра. Министерот за транспорт, Александар Николоски, ја опиша изградбата како еден од најсложените инфраструктурни подвизи по автопатот Кичево–Охрид.
„Ова беше можеби втората најтешка делница од сите што ги работиме. Планината зад тунелите беше буквално поместена за патот да се изгради безбеден. Намерно го одложивме отворањето за неколку месеци за да ги отстраниме сите пречки и да гарантираме сигурен сообраќај“, изјави Николоски.
Тој потсети дека патот веќе еднаш беше „пуштен“, но само во предизборен спот на СДСМ, направен со вештачка интелигенција.
„Во 2023, СДСМ направи спот во кој изгледаше како патот да е завршен. Но тогаш имаше само камења и земја зад нив. Денес тоа е вистинска делница. И затоа сме тука каде што сме – со дела, а не виртуелни слики“, рече Николоски.
Мицкоски: „Овие пари не завршија во џебови, туку во асфалт“
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченото отворање, потенцираше дека инфраструктурата сега се гради реално и транспарентно, а не преку коруптивни зделки, како што, според него, било во минатото.
„Средствата не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Се преточија во реални дела. Македонија повеќе не е банкомат за моќниците, туку мотор на развојот. Проектите веќе не се само на хартија, туку на терен“,
порача Мицкоски. Тој додаде дека со новата делница патувањето од Скопје до Прилеп се скратува на час и пет минути, а до Битола уште 35 минути. По завршување на автопатот Прилеп–Битола, времето дополнително ќе се намали.
Осум години изградба, 21 мост и еден тунел
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, информираше дека проектот започнал уште во 2016 година, но по раскинување на договорот со првичниот изведувач „Рубау“, изградбата стагнирала.
„Во 2021 започна повторно со рок за завршување до 2023 година, кој повторно се одложи. Но, сега конечно завршивме 10 километри со натчовечки напори“, изјави Трајановски,
Тој објасни дека делницата содржи еден тунел со две цевки, 21 мост, 11 потпорни ѕида, еден вијадукт, седум армирано-бетонски конструкции, потпатници, пропусти и кружен тек на клучката Дреново.
Средствата за изградбата се обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).