Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на АД Пошти на Република Македонија, Васко Стефанов, денеска остварија средба со претставници на синдикалните организации при АД Пошти на Република  Македонија придружувани од претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија.

На средбата се разговараше за тековните состојби во АД Пошти на Република  Македонија како и за барањата на синдикалните организации.

На средбата, министерот Бочварски ја потенцираше поддршката од страна на ресорното Министерство и Владата и посочи дека само со заеднички заложби на сите инволвирани страни ќе можат да се подигне квалитетот на поштенските услуги во насока на повторно стекнување доверба кај граѓаните во АД Пошти на Република  Македонија.

Од средбата произлегоа неколку обврски и иницијативи на кои се согласија синдикалните организаци и тоа:

– Исплатата на плата за месец Септември да биде извршена најдоцна до петок, 28 октомври, а платите за наредните месеци да бидат исплатени во законски предвидениот рок.

– Министерството за транспорт и врски се обврза да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД Пошти на Република Северна Македонија, согласно измените во Законот за поштенски услуги.

– Се задолжува АД Пошта на Република  Македонија да направи план за намалување на непродуктивните расходи, рационализација согласно препораките на Владата.

– Управниот одбор на АД Пошти на Република Македонија ќе започне со изготвување на нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените.

– Владата на Република Северна Македонија ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на АД Пошти на Република  Македонија, процес кој ќе започне веднаш и ќе трае до 31 декември 2022 година.

– Владата на Република Македонија ќе препорача на Агенцијата за пошти да продолжи со надзор и контрола на поштенскиот пазар над правни субјекти кои немаат добиени општо овластување за обезбедување на поштенски услуги издадено до Агенцијата за пошти.

Со ваквите завземени ставови протестот се става во мирување и засегнатите страни се обврзуваат на взаемна поддршка за почитување на обврските.