Информациите што ги објавија одредени портали дека Војската на Србија располага со суперсонични квази-балистички ракети CM-400 од кинеско производство со дострел од најмалку 250 километри предизвикаа реакции на официјален Загреб. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакна дека станува збор за новина во српската армија, за што рече дека ќе ја информира Северноатлантската алијанса.
„Хрватска е членка на НАТО и ги следиме процесите што се случуваат во Србија. Во секој случај, не очекуваме дека поседувањето такво сериозно оружје би довело до негова употреба против соседните земји, Хрватска или некоја друга“, рече Пленковиќ.
Тој најави дека Хрватска за тоа ќе разговара со сојузниците во Северноатлантскиот сојуз.
„Ќе разговараме со нашите партнери и ќе ги предупредиме за таквото наоружување, што е новина во арсеналот на Војската на Србија“, нагласи премиерот.
Хрватските медиуми претходно објавија фотографии на ракета воздух-земја снимена на повеќенаменски борбен авион „Миг-29“ на српското воено воздухопловство.
Претходно на информациите реагираше и потпретседателот на Владата и министер за одбрана Иван Анушиќ, кој оцени дека станува збор за „опасно оружје“ изразувајќи надеж дека никогаш нема да биде употребено.
