Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска, за време на обиколката на езерото Бундек, рече дека климатските промени се можеби најголемата закана за нашиот начин на живот, поради што Владата ќе се погрижи тие да станат дел од сите политики.

– Ќе се погрижиме климатските промени, кои се можеби најголемата закана за нашиот начин на живот, да станат дел од сите политики. Затоа го основавме Советот за одржлив развој, за да ја подигнеме свеста за проблемот со климатските промени што е можно повеќе, рече Пленковиќ.

Тој изрази сочувство до семејствата на четворицата загинати во невремето што вчера попладне ја зафати централна и источна Хрватска и им се заблагодари на пожарникарите, полицајците, цивилната заштита и медицинските и другите служби кои работат на отстранување на штетите.

– Се очекува вакви временски непогоди, кои се случуваа еднаш на сто години, сега да се случуваат во пократки временски интервали, а за тоа е потребна подготвеност на сите служби, градски, жупаниски и национални, потенцираше хрватскиот премиер.