Посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на касарната „Илинден“ во Скопје денеска ја зацврсти пораката за единство на Алијансата и улогата на Македонија во колективната безбедност, во период кога на меѓународната сцена растат безбедносните ризици. Од обраќањето на Руте пред припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група доминираше ставот дека е потребно здружување и заедничко дејствување на сите 32 земји-членки за да се обезбеди колективната одбрана на НАТО територијата.
„Последниве денови гледаме колку е важно сите 32 сојузнички држави, вклучително и Македонија да се здружат, да работат заедно и да обезбедат колективна одбрана на НАТО територијата“, порача Руте, притоа пофалувајќи го македонскиот придонес во Алијансата.



Руте нагласи дека е импресиониран од ангажманот на земјата како членка од 2020 година, посочувајќи ги учеството во копнените сили и истурените капацитети, поддршката за Украина и посветеноста на одбраната на секој дел од територијата на Алијансата. „Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces), со што навистина се грижите да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“, рече тој.
Покрај посетата на касарната, Руте имаше обраќање и во Собранието, каде настапот помина и со краток протест од пратениците на Левица. Тие излегоа пред говорницата со транспарент „НАТО убива за профит“, по што, по неколку секунди, се тргнаа. Руте погледна кон нив, но не го прочита транспарентот и продолжи со говорот.
Попладнево, Руте имаше средба и со премиерот Христијан Мицкоски, кој соопшти дека разговорите биле водени „во духот на сојузништвото и заедничките вредности“. Според објавата на премиерот, на средбата се разговарало за актуелните безбедносни предизвици, улогата на Алијансата во зачувувањето на стабилноста и мирот, како и за придонесот на Македонија во рамките на колективната одбрана.
Мицкоски, како што наведе, ја реафирмирал „цврстата определба за понатамошно јакнење на соработката со НАТО и активен придонес кон регионалната и глобалната безбедност“. „Средбата претставува потврда за силното партнерство и заемната доверба, како и за нашата решеност да продолжиме да делуваме како кредибилен и одговорен сојузник во рамките на НАТО“, објави премиерот.
Посетата имаше и јасна симболична тежина за позицијата на Македонија во НАТО – прва посета на Руте во Скопје како генерален секретар, што дополнително ја става земјата во фокус како активна членка која се вклучува во заедничките безбедносни политики. Руте претходно беше во земјава во ноември 2021 година, како тогашен премиер на Холандија.

Руте беше пречекан од министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски. За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, а пред присутните беше претставена опремата и средствата на Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Македонија, на генералниот секретар му беше врачена Голема плакета на Армијата од страна на генерал-мајор Лафчиски, како и од министерот Мисајловски.
На крајот од обраќањето, Руте им се заблагодари на припадниците на Армијата и им упати порака за безбедност и истрајност. „Навистина ми е чест што сум овде. Ви посакувам сè најдобро. Останете безбедни – и чувајте нè безбедни“, рече Руте.
