Има ли вистина во написите на истражувачката мрежа „Белингкет“ и дали компанијата „Солвеј Инвестмент Груп“, како што се вели во текстот, претставува играч со руско влијание во земјава?, пишува Плусинфо.

Сторијата се осврнува и на секторот рударство и тврди дека Русија се обидува да манипулира со пазарот и да влијае при одлучувањето на властите во секторите за кои има интерес.

Конкретно за Македонија се посочува делувањето на компанијата Солвеј Инвестмент Груп, која е сопственик на рудникот за бакар Бучим во Радовиш. Во текстот се вели дека оваа компанија официјално е швајцарска, но дека потекнува од Русија.

Кон крајот на 2022 година економскиот директор на рудникот Бучим Дмитриј Кудрјаков беше поставен на црната листа на САД. Во рудникот во Радовиш тој беше назначен по работата на Гватемала, каде според американските власти, учествувал во поткуп на администрацијата, политичарите и судиите за да оствари руски интерес, преку рудникот на Солвеј во земјата, пиуваат од Плусинфо.

Во написот на мрежата „Белингкет“ уште се наведува дека групацијата „Солвеј“ е вклучена во многу проекти кои ги унапредуваат руските интереси – до тој степен што дури и владата во Москва лобира во нивно име, нарекувајќи ја „руска инвестиција“. Дополнително, во текстот се забележува, дека власта во рударството откажувала концесии на четири западни компании од 2017 година досега.

Во оваа насока во написот директно се споменуваат и имиња на „еко-активисти“ кои силно лобираат против најавите за инвестиции во рударството од страна на западни компании. Меѓу нив е и името на активистот Крум Велков од „Здрава котлина“. Во обвинувањата насочени кон реализацијата на проектот за рудник во Иловица-Штука, зад кој стои канадскиот рударски гигант „Трафигура“ преку домашната фирма „Еуромакс Ресоурсес“, тој дури и најавува создавање „општомакедонски еколошки фронт“.

Во една од своите објави на социјалните мрежи Велков дури споделува и оценка за евентуални „немили настани“ ако рудникот во Иловица-Штука се реализира.

– Сум укажал, всушност, дека револтот на народот од тоа што го прави „Еуромакс Ресурсис“ е толкав, што може да дојде до немили настани во случај на отворање на рудникот, бидејќи тој егзистенцијално ќе ги загрози сите жители. И порано сум предупредувал и сум ја повикувал владата да стави крај на ова, напиша Велков.

Во меѓувреме профилите на социјалните мрежи на еко-активистот од „Здрава котлина“ изобилуваат со објави во кои се велича руското државно раководство, особено по инвазијата во Украина.

– Русија ги отвора картите. Овде не се работи само за декларативна желба, туку за реален проект за ослободување на Европа од англо-американскиот геополитички режим, напиша Велков.

Според него, со војната во Украина започнал „официјалниот крај на униполарниот свет доминиран од Западот“. Во поткрепа на своите геополитички тези, еко-активистот Велков дополнително зборува дека пандемијата била „димна завеса која отпорот на слободниот човек ја развеал“.

Откако дел од домашните медиуми ја споделија сторијата на „Белингкет“ Крум Велков најави тужби, а новинарите од меѓународната истражувачка мрежа ги нарече „британски платеници“.

Претходно, од иницијативата „И здравје и работа“ која ја сочинуваат жители од југоистокот кои го поддржуваат проектот за изградба на рудникот за бакар Иловица-Штука, обвинија дека поради неколкумина добро мотивирани гласни противници на изградбата на рудникот, локалното население и генералната македонска јавност нема еднаков пристап до сите релевантни информации. Тие прашаа „кој, колку и од кого има добиено пари на рака преземајќи обврска за регрутирање критична маса за ширење паника меѓу населението“ и најавија дека допрва ќе споделуваат повеќе детали.

ИЗВОР: Плусинфо