Отворен патот Ќафасан-Елбасан
По 11 дена прекин, патниот правец Ќафасан – Елбасан, на делницата Либражд – Прењас, повторно е ставен во функција за сите видови возила. Од Агенцијата за патишта информираа дека сообраќајот е нормализиран, при што и тешките товарни возила ќе можат да транзитираат, но со ограничување на носивоста до 8,2 тона.
Сообраќајот се пренасочува на привремена траса
Во соопштението објавено на социјалните мрежи се наведува: „Сообраќајот ќе се одвива преку привремена траса изградена веднаш до претходната постоечка, додека не се заврши алтернативната траса на коритото на реката Шкумбин, интегрирана со железничката пруга“.
Патниот правец ќе функционира со поставена соодветна сигнализација во зоната на градилиштето, а коловозот привремено ќе остане неасфалтиран сè додека не се стабилизираат слоевите, по што ќе следува финално асфалтирање.
Апел за почитување на сигнализацијата
Од Агенцијата упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот и до жителите од регионот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и насоките на сообраќајната полиција, со цел да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот.
Делницата, која е дел од Коридорот VIII, во изминатиот период беше затворена поради големо свлечиште и оштетувања, поради што товарните возила се пренасочуваа преку граничниот премин „Блато“ кај Дебар, врз основа на договор меѓу албанските и македонските институции.
