Се остваруваат најавите на министерот Александар Николоски и министерството за транспорт за нови и евтини авиолинии од Скопје.

Нискобуџетната холандско-француска авиокомпанија „Трансавиа“ од март ќе започне со летови меѓу Амстердам и Скопје. Македонската и холандската престолнина за првпат се поврзуваат после пауза од 17 години, односно од 2008 година. Билетите се веќе пуштени во продажба, а според пишувањата на „Ex yu aviation”, во јануари ќе има промотивни цени за оваа дестинација.

Од септември 2008, кога престана да лета МАТ, ова ќе биде првпат аеродромот „Схипхол“ и македонскиот главен град да бидат поврзани со редовен авиопревоз.

Компанијата е подружница на групацијата „Ер Франс – КЛМ“. Првиот лет ќе биде на 2 март 2025 година. Ќе лета двапати неделно.

„Визер“ почнува со продажба на билетите за новите авиолинии до Барселона, Лион и Штутгарт

Оваа линија ќе биде конкуренција на „Визер“, кој ја поврзува Македонија и Холандија преку Ајндховен, град кој е на 125 километри од Амстердам. „Визер“ моментално лета четири пати неделно до Ајндховен.

„Трансавиа“ не е непозната за македонскиот авиособраќај. Со оваа компанија беа организирани чартер летови за холандските туристи до Охрид уште во 1970-тите.