На грчката страна на Преспа, во присуство на министрите за внатрешни работи на Македонија и Грција, Панче Тошковски и Теодорос Ливаниос, како и евроамбасадорот Михалис Рокас, започна изградбата на граничниот премин Маркова Нога – Лемос, кој беше затворен уште од 1967 година. Овој значаен проект се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија.

Претходно, овој проект премиерот Мицкоски го започна и од македонска страна.

Македонија добива нов граничен премин „Маркова Нога“

Со новиот премин, патувањето меѓу Ресен и Лемос ќе се скрати од два и пол часа на само 40 минути. Прекинатата прекугранична врска повторно ќе се воспостави, но со ограничување – дозволен ќе биде само лесен сообраќај со патнички возила до 10 лица, за да се заштити чувствителната природна и културна средина околу Преспанското Езеро.

„Отвораме врата за обединување, не само граница“

„Оваа иницијатива не е само градежен проект – тоа е отелотворување на заедничка визија. Денес не поставуваме само бетон и асфалт, туку ја трасираме иднината на поблиска соработка меѓу нашите граѓани и економии. Овој премин е доказ дека границите во Европа треба да станат симбол на приближување, не на раздвојување“, изјави министерот за внатрешни работи на Македонија, Панче Тошковски.

Поголем туристички и културен потенцијал за Преспа

„Преспа отсекогаш била едно од најволшебните места на Балканот. Со отворањето на преминот, конечно се овозможува на посетителите да ја искусат нејзината целосна убавина од двете страни на границата. За регионот, ова ќе значи проширена економска и културна соработка“, изјави грчкиот министер за внатрешни работи Теодорос Ливаниос.

ЕУ како мотор на прекугранична интеграција

„Чувствувам особена чест што ќе бидам првиот кој ќе го премине овој премин. Овој чин за мене претставува симболична потврда на европската солидарност, доверба и развој за регионот на Преспа“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас.

Проектот е дел од програмата „ЕУзаПреспа“ и предвидува изградба на нова царинска зграда во Маркова Нога, со буџет од 2 милиони евра. Работите започнаа во март 2025 година и ќе траат до летото 2026 година.

Дополнително, со прекуграничниот проект „БорПрес2“, ќе се изгради нова царинска и полициска зграда во Лемос (Грција) и ќе се реновира постојната полициска станица во Маркова Нога (Македонија). За тоа се издвоени 7,73 милиони евра, а реализацијата ќе трае 36 месеци.