Холивудскиот актер Поиндекстер трагично го загуби животот откако беше удрен од автомобил пред својот дом во Лос Анџелес. Според медиумските извештаи, актерот бил хоспитализиран во болница и чекал операција поради скршени ребра, кога ненадејно починал. Поиндекстер е роден во 1959 година во Далас.
Неговиот татко, Х. Р. Поиндекстер, бил признат дизајнер на осветлување и сценографија, добитник на престижната награда „Тони“, додека неговата мајка, Сју Ен Ердман, била оперска пејачка.
Првата телевизиска улога ја добил во 1982 година во една епизода од серијата „A New Day in Eden“. Својата прва улога во сапуница ја остварил во 1984 година, кога го толкувал ликот на Бен Велч во осум епизоди од популарната серија „Days of Our Lives“.
Во текот на 1980-тите години, Поиндекстер се појави во поединечни епизоди од познатите серии „Happy Days“, „CHiPs“, „Silver Spoons“ и „Growing Pains“, пред да го толкува ликот на Џастин Мур во вкупно 23 епизоди од познатата серија „Santa Barbara“ во 1986 година.
Меѓу другите филмски проекти, тој се појави заедно со светските ѕвезди Семјуел Л. Џексон и Колин Фарел во акциониот филм „С.В.А.Т.“ (S.W.A.T.) од 2003 година, а забележа и мала споредна улога во комедијата „Повторно 17“ (17 Again). Тој исто така активно настапуваше и во театар, а зад себе ги остави сопругата, кастинг-директорката Керол Крицер, и нивните два сина близнаци.
