Поранешниот претседател на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез, беше изнесен од својот дом со лисици на рацете, откако локалната полиција го уапси по барање на САД, каде што е обвинет за трговија со дрога и оружје.

Хернандез беше претседател на Хондурас од јануари 2014 година до 27 јануари годинава, а според американските власти, тој бил вклучен во трговијата со дрога од 2004 година до оваа година.

САД поднесоа барање за екстрадиција на Хернандез поради основано сомневање дека тој бил дел од организација која добивала тони кокаин од Колумбија и Венецуела, а потоа го префрлала во САД. Хернандез, наводно, добил милиони долари мито за да ги заштити шверцерите од истраги и обвинувања.

Обвиненијата за употреба на оружје се однесуваат на носење, користење или помагање и поддршка за употреба на огнено оружје, кое се однесува и на автоматско оружје.

По ноќта во притвор, Хернандез денеска треба да се појави на суд. Тој одлучи да соработува со полицијата на Хондурас и ги негира сите обвиненија.

Врховниот суд на Хондурас ќе одлучува за евентуалната екстрадиција на Хернандез во САД, а одлуката се очекува да биде донесена за два до три месеци