Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Микел Хансен потврди дека заминува во играчка пензија по настапот на Олимписките игри во Париз со Данска. Легендарниот Данец свика прес-конференција на која ги објасни своите причини за заминувањето во пензија, пренесе Гол.

Хансен нагласи дека дваесет години го живеел својот сон, играјќи со најдобрите ракометари на светот, меѓутоа смета дека е време за крај.

„Ова е вистински момент за мене да заминам во пензија. Мојата мотивација и натаму е тука, сезоната уште не е готова и има уште многу да се игра. Се радувам на следните месеци, ќе се обидам максимално да ги искористам. Ако навистина сакав, можев да играм до 40-45 години, ама не сум таков.

Ми беше чест и привилегија 20 години да живеам со спортот кој што го сакам. Играв за некои од најголемите клубови на светот, а секако и за една од најдобрите репрезентации. Колеги ми беа најдобрите ракометари, имав и многу добри тренери, запознав премногу неверојатни луѓе на теренот и надвор од него“. Сепак, дојдов до момент кога други работи вон спортот ме влечат на страна“, изјави Хансен.

Во својата кариера Хансен со Данска беше европски и олимписки првак, како и трипати се радуваше на трофеи на Мундијалите. На клупско ниво иако не се закити со трофеј во Лигата на шампионите, сепак имаше запазена улога играјќи десет години за ПСЖ, а кариерата ќе ја заврши во својот Алборг.