По годишниот одмор, пратениците ќе се вратат на работа, а Собранието почнува со редовни активности и седници на комисии

Од утре, пратениците официјално ќе се вратат на работа, и Собранието почнува со редовни активности, по годишниот одмор. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за утре закажа неформална средба со собраниските известувачи. На која ќе информира за тековните активности во законодавниот дом, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи. До петок на собраниската веб-страница, освен брифингот со новинарите, не се закажани други активности за следната недела.

Одморот на пратениците беше прекинат на 16 август. Кога беше свикана итна седница за Предлог-Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, кој не помина поради немање на Бадентерово мнозинство. Претходно, на 13 август, седница одржа Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Која формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Вообичаено, одморот на пратениците започнува по Националниот празник Илинден.

Претседателот на Собранието, Гаши, на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. Се очекува пратениците да одржуваат пленарни седници и седници на комисиите до почетокот на кампањата за локалните избори на 29 септември.

На последниот брифинг со новинарите, претседателот потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека, доколку е потребно, пратениците ќе бидат повикани за седници.