Холивудскиот актер Џони Деп во средата постигна речиси целосна победа во случајот за клевета против поранешната сопруга Амбер Херд.
Американските медиуми веднаш ја објавија веста што ја чекаа фановите на Деп а и илјадници луѓе ширум светот. Читањето на пресудите и реакцијата на Херд се пренесуваше во живо на социјалните мрежи.
Херд, седнатa во судницата меѓу двајца нејзини адвокати, гледаше надолу додека се читаа пресудите.
-Разочарувањето што го чувствувам денес не е можно да се опише, рече таа во првата изјава откако ја напушти судницата.
-Срцето ми е скршено дека планината докази не беше доволна за да се спротивставам на непропорционалната моќ и влијание на мојот поранешен сопруг.
-Уште повеќе сум разочарана од тоа што значи оваа пресуда за другите жени, додаде таа. „Ова е назадување“.
-Тажна сум што го изгубив случајот. Но, уште потажна дека очигледно го немам правото што мислев дека го имам како Американка – да зборувам слободно и отворено.
Деп се соочи со поинаков исход во Британија пред помалку од две години, кога го тужеше весникот „Сан“ затоа што го нарече „тепач на сопруга“. Високиот суд во Лондон тогаш пресуди дека тој повеќе пати физички ја нападнал Херд.
А во центарот на правниот случај во САД беше текст на Херд објавен во „Вашингтон пост“ во декември 2018 година. Во написот таа не го спомнува Деп по име, но неговиот адвокат им кажа на поротниците дека е јасно дека Херд мислела на него.
Поротата се согласи со сите тврдења на Деп за клевета, кои цитираа пасус од статијата и насловот кој гласи: „Прозборев против сексуалното насилство – и се соочив со гневот на нашата култура. Тоа мора да се промени“.
Поротниците отфрлија две од трите точки на противтужбата на Херд. Тие заклучија дека била клеветена кога тогашниот адвокатот на Деп изјавил за еден медиум дека исценирала материјална штета за да ѝ покаже на полицијата по наводна кавга меѓу нив двајцата.