Повлекувањето на нивото на Преспанското Езеро овозможи да излезат на копно археолошки локалитети во неговата крајбрежна зона, меѓу кои и локалитет во близина на селото Наколец, каде што беа спроведени сондажни археолошки истражувања, додека долж македонскиот дел од брегот беа евидентирани и и документирани вкупно 11 археолошки локалитети.
Истражувањата ги реализираа НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам Љубојно, во рамки на проектот ACT4PRESPA, со што за првпат беа изведени подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро, насочени кон идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу езерото.
Во првите две фази, стручен тим изврши рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Грција до границата со Албанија, при што беа евидентирани 11 археолошки локалитети, информираа од НУ Завод и Музеј – Битола.
-Локалитетот во близина на селото Наколец, се покажа како најрелевантен за понатамошно истражување, по што започнаа сондажните археолошки истражувања, кои исто така се реализираа во два циклуси. Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати, истакна Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Откако водата се повлече, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи да се реализираат сондажните археолошки истражувања на локалитетот кај село Наколец.
– При истражувањата беше откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Посебно внимание привлече пронаоѓањето на предмети изработени од органски материјали дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Ваквите наоди се прв и единствен пример, на зачувани предмети од органски материјали од локалитет кој е датиран во временската рамка од крајот на XIII па сѐ до крајот на XIV век. Локалитетот кај село Наколец, претставува прв и засега единствен пример на благороднички имот во македонската археологија датиран во периодот на XIV век. Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање. Тоа ни овозможува уникатен увид во минатото на заедниците, посочи објаснува Петров.
Истражувачкиот тим соопшти дека првичните анализи укажуваат дека средновековните жители во Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, иако локалитетите се наоѓаат во непосредна близина на езерото и дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
