ГЕРМАНСКИТЕ ВОЈНИЦИ СЕ ПОВЛЕКОА ОД ГРЕНЛАНД 

Германскиот воен разузнавачки тим од 15 војници, кој неодамна беше распореден на Гренланд, денеска го напуштил островот и се упатил кон Копенхаген, соопшти портпарол на германската армија.

Претходно беше најавено дека тимот на Бундесверот ќе остане подолг период на арктичкиот остров, што дополнително ги отвори прашањата за причините за ненадејното заминување.

– Останува нејасно дали Германија ги повлекува своите војници под влијание на најавените казнени царини на американскиот претседател Доналд Трамп за земјите кои се против неговата агресивна политика кон Гренланд или дали постојат други причини за нивното повлекување – објави германскиот весник „Билд“.

Германските војници пристигнаа на Гренланд пред два дена, како дел од извидувачка мисија на земјите-членки на НАТО, реализирана на покана на Данска.

Како што беше соопштено, целта на мисијата била спроведување воена вежба, како и разгледување дополнителни можности за идни вежби и евентуално распоредување на воени сили.

Мисијата започна по неуспешниот состанок меѓу министрите за надворешни работи на Данска, Гренланд и Соединетите Американски Држави, кој се одржа во Вашингтон.