Мицкоски: „Од запуштен објект, до туристичка атракција за Скопје и Македонија“
По цели седум години запуштеност, денеска повторно беше отворен туристичкиот комплекс „Македонско село“. Тој е лоциран на падините на Водно, во близина на село Нерези. Нов живот на оваа културно-туристичка локација ѝ дава фирмата „Ла Тераца“, која стана концесионер преку електронско јавно наддавање организирано од Службата за општи и заеднички работи.
На свеченото отворање присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој ја поздрави иницијативата за реафирмација на оваа дестинација и вложувањето во локалниот туризам.
„За мене претставува задоволство што уште еден заборавен, запуштен и би рекол полууништен објект се става во функција. Тоа е овој комплекс наречен „Македонско Село““, изјави премиерот, нагласувајќи ја благодарноста до концесионерите кои, како што рече, се охрабриле да понудат „ултра квалитетно место каде може да се ужива во преубав поглед, преубави соби, апартмани и сигурен сум – префкусна храна“.
Целосната изјава на премиерот може да ја погледнете во продолжение.
Нов поттик за туризмот и локалната економија
Концесијата е доделена на транспарентен начин, преку електронски систем на Министерството за финансии. Според надлежните, очекувањата се дека ова реотворање ќе има позитивно влијание врз туризмот во Скопје, но и пошироко.
„Туризмот бележи големи резултати, со над 20% раст кај странските гости споредено со истиот период од минатата година. Работиме на тоа да продолжи тој тренд“, соопштија од надлежното министерство, потенцирајќи ја улогата на Министерството за култура и туризам во ваквите проекти.
Комплексот „Македонско село“ содржи 12 автентични куќи кои ги претставуваат традиционалните македонски занаети, како и хотелски капацитети и ресторан. Со новата инвестиција, се отвора можност за отворање нови работни места и зајакнување на локалната економија.