По седум години целосна запуштеност, „Македонско село“ конечно повторно ќе заживее. Фирмата „Ла Тераца“ ја доби концесијата за управување со комплексот што се наоѓа во Горно Нерези, на падините на Водно.
Според договорот, „Ла Тераца“ ќе плаќа 3.500 евра месечно за користење на комплексот, а концесијата е доделена на период од 15 години. Од новиот концесионер се очекува сите подготовки и активности да ги заврши до 1 јуни 2025 година, кога е планирано комплексот повторно да ги отвори своите врати за посетителите. Значи, за само неколку месеци оваа туристичка локација започнува со работа.
Избран нов концесионер за комплексот „Македонско село“: Најавено отворање за јуни 2025 година
Првиот човек на СОЗР, Ивица Томовски истакна дека постапката за добивање нов концесионер била законска и транспарентна. Со ваквиот чекор се очекува да заживее комплексот „Македонско село“. Комплексот содржи 12 автентични куќи што претставуваат различни региони од Македонија. Ваквиот проект е одличен спој на културна промоција, занаетчиство, угостителство и хотелско сместување. Во рамки на куќите има простории наменети за занаетчии, традиционални ресторани и сместувачки капацитети. Ваквите знаменистости го прават овој локалитет исклучителен за промоција на македонското културно наследство.
Од неговото затворање, СОЗР продолжи редовно да ги покрива трошоците за обезбедување и осигурување, притоа создавајќи финансиски загуби од над 300.000 евра.
Проектот е особено значаен за да се поттикне локалната економија преку отворање нови работни места и зголемување на туристичката понуда во Скопје и пошироко.