По посетата на Северна Кореја, рускиот претседател Владимир Путин синоќа пристигна во посета на Ханој, главниот град на Виетнам, каде што ќе има разговори со претседателот То Лам и други лидери.
Рускиот лидер денеска ќе присуствува на церемонијата за добредојде во претседателската палата, пред да ги започне билатералните разговори со лидерите на Комунистичката партија. Разговорите, како што објавија руските власти, ќе се фокусираат на економијата, образованието и енергијата, но се верува дека челниците на двете нации би можеле да разговараат и за Украина, како и за соработката во поглед на одбраната.
Во рамки на посетата на Виетнам, Путин се очекува да има разговори и со генералниот секретар Нгуен Фу Тронг, кој нашироко се смета за највлијателниот политичар во земјата. Средба ќе има и со виетнамскиот премиер.
По Кина и Северна Кореја, Виетнам е третата земја што Путин ја посети откако положи заклетва за својот петти мандат во мај. Ова е негова прва посета на Виетнам од 2017 година.
Виетнам, кој официјално води неутрална надворешна политика во односите со големите светски сили, не го осуди рускиот напад врз Украина. Путин, пак, го пофали Виетнам за „урамнотежениот“ став за војната во Украина.