Учебници без корици и со искинати страници стануваат минато
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на денешната прес-конференција најави целосна обнова на учебниците за основците и средношколците за учебната 2025–2026 година. Најголемата новина, според неа, е што за првпат по цели шест години, учениците во основното образование ќе добијат учебници по сите странски јазици, меѓу кои англиски, германски, француски и други.
- „Цели шест години не беа набавени учебници по англиски, француски, германски и така натаму. Како нова Влада се заложивме уште минатата година, да го спроведеме овој процес и ќе успееме да го завршиме. На 1 септември, за сите странски јазици во основните училишта ќе има нови учебници“, рече Јаневска.
Строги упатства до училиштата – нема враќање на неупотребливи учебници
Јаневска остро реагираше на досегашната пракса некои училишта да ги враќаат оштетените учебници во библиотеките, па истите повторно да се доделуваат на ученици:
„Наместо училиштата да им делат парталави и неупотребливи учебници на учениците, треба да ги пријават во електронскиот систем на Министерството и истите ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година. Обезбедени се буџетски средства и нема потреба да ги разочаруваме ниту учениците, ниту нивните родители“, нагласи министерката.
Потсети и дека секое училиште има комисија за учебници, која треба навремено да процени кои изданија не се за употреба и да го информира Министерството. Отсега преку Педагошката служба треба да се планираат нови тиражи.
Нови учебници за седмо одделение и навремена испорака во средното образование
Од септември, учениците во седмо одделение ќе учат по нови наставни програми, со нови учебници кои се во процес на печатење. Ова следува откако Министерството ја модифицираше контроверзната концепција на претходната Влада, која предвидуваше интегрирање на предметите. Историјата и географијата, хемијата и физиката повторно се раздвоени на барање на јавноста и наставниците.
„Ги одвоивме предметите на барање на пошироката јавност, а најмногу на барање на наставниот кадар. Затоа имаме нови програми и одобрени учебници кои наскоро влегуваат во процес на печатење“, изјави Јаневска.
Новини ќе има и во гимназиското и средното стручно образование, каде дел од предметите добиваат нови учебници. Според Јаневска, ова е втора учебна година по ред во која испораката ќе се изврши навреме. Ова не беше случај во последните седум години.
„Учебниците се еден од клучните фактори за квалитет на образованието, покрај мотивираните наставници, програмите и инфраструктурата“, додаде министерката, изразувајќи благодарност до сите што се вклучени во нивната изработка и дистрибуција.
660 милиони денари годишно за учебници
Министерството, според Јаневска, годишно издвојува околу 660 милиони денари за набавка на учебници. Оваа инвестиција директно се одразува врз квалитетот на наставата и задоволството на учениците и родителите.
Извор: СкопјеИнфо