Властите оценија дека пописот стартувал успешно, и апелираа граѓаните да се вклучат во процесот, да ги дадат потребните податоци, со цел државата да може да спроведува политики согласно реалната слика и во нивен интерес и во интерес на економијата и развојот на државата. Апел за вклучување во пописот дојде и од Европската комисија која ги охрабри сите во Северна Македонија да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаде дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ.
Државниот завод за статистика информира дека вчера во претпладневните часови се појавиле спорадични и локациски изолирани проблеми при процесот на попишување на населението на терен, оти тие се успешно остранети, како и дека не се должеле на паѓање на интеретот, туку најверојатно на поголемиот број сесии што се одвивале истовремено. Додека траеле техничките проблеми биле попишани речиси 10 илјади лица.
–Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии, се вели во соопштението од ДЗС.
Колку за илустрација, велат од Државниот завод за стстистика, во тие два-три часа додека траеле техничките проблеми, биле попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата.
Премиерот Зоран Заев рече дека после 20 години од последниот спроведен попис во земјава, благодарение на сите политички субјекти, на сите општественици, со професионалниот кадар на статистика во педесетина региони исклучително успешно стартувала оваа стстистичка операција.
Тој посочи дека прашалникот содржи прашања за статистички податоци, дека дури и за време на пандемија тоа е возможно да се спроведе затоа што физичката дистанца се одржува доколку тоа е потребно.
– И навистина првиот ден е исклучително охрабрување за успешен попис. Секако имаме уште 24 дена до 30 септември, но сакам да се заблагодарам на сите кои успешно стартуваа, пред, се на министерот за правда, на Заводот за статистика, но и на граѓаните и на попишувачите. Верувам дека податоците ќе бидат сериозен идникатор за уште поуспешни севкупни политики на развој на нашата земја, изјави вчера Заев.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува дека пописот успешно ќе се спроведе, граѓаните ќе покажат одговорност и ќе се добијат детални податоци кои ќе се користат за развој на државата. Спасовски рече дека претставници од МВР работат заедно со Државниот завод за статистика во штабот кој раководи со пописот.
– Секако, дека ние како МВР работиме заедно со Државниот завод за статистика, наши претставници имаме во штабот кој раководи со пописот, за сите граѓани коишто ќе одбијат да се попишат, сигурно е дека ќе се применат мерките и ќе има пријави. Меѓутоа, јас очекувам дека како што помина вчерашниот ден во една одлична атмосфера, атмосфера на граѓанска одговорност дека и понатаму ќе продолжиме и пописот ќе заврши успешно и после 20 години ќе можеме да имаме детално податоците кои ни се потребни за развој на државата, изјави Спасовски.
Министерот ги повика граѓаните да се вклучат во процесот, да се попишат сите семејства, сите објекти, за, како што нагласи тој, да се добие реална слика и за потребите и за капацитетите со кои располага државата.
Според директорот на ДЗС Апостол Симовски, населението масовно го прифаќа пописот и нема одбивање, а само мал број луѓе ги одбиле попишувачите.