По случувањата во Косово, премиерот Димитар Ковачевски уверува дека не постои основ за било какво стравување во однос на безбедносната ситуација во Македонија. Тој ваквата оценка, како што вели, ја базира врз основа на информации добиени од безбедносните, разузнавачките и контраразузнавачките служби, како и од информации споделени од НАТО-партнерите. Ковачевски, покрај осуда за настанот, изрази и поддршка за косовските безбедносни структури.
„Меѓутоа, она што се случува на Косово… прво, морам да изразам голема загриженост, осуда на тоа што се случи, бидејќи таму беше убиен полицаец, којшто е дел од безбедносните структури на косовската држава. Тоа беше акт на насилство, којшто никому не му треба и сите се уверивме дека не носи ништо добро, туку дека носи само немир, не само на Косово, туку и во целиот регион“, рече Ковачевски.
Според премиерот, освен косовските безбедносните структури, треба да се поддржи и КФОР каде што во мисија учествуваат и македонски припадници. Сега, како што додаде премиерот, мора да се истражат мотивите за нападот, но и нарачателите.
„Сигурно е дека позади тоа што се случи вчера на Косово постои нечија агенда, на некои коишто сакаат овој регион да го видат повторно да биде регион на немир, регион на кавга помеѓу соседите“, додаде Ковачевски.
Претходно во текот на денов министерката за одбрана Славјанка Петровска повика Белград и Приштина интензивно да работат на дијалогот, додека не биде предоцна. Според неа, иако нема директно влијание на безбедноста на нашата држава, не е едноставно за кој било кога во регионот има инцидент, особено кога е нападната полиција на одредена држава.