По вчерашните случување и грешката на МВР, кои објавија дека го привеле лицето Н.Н поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во средните училишта во Скопје и по целата голгота која ја претрпе младото момче, Никола Николовски или познат на социјалните мрежи како „Боемот“, се огласи на својот фејсбук профил:

-Слободната мисла е повредна од секоја закана, притисок и уцена – нема да ме замолчите, само ме направивте посилен!
Во текот на вчерашниот ден, среде бел ден и во време на вршење на моите работни обврски бев лишен од слобода, по што до доцните часови бев држен во полициска станица, без можност за контакт со моите пријатели, роднини и најтесното семејство. Јавен распит, претрес на мојот дом од страна на 10 полицајци, меѓу кои имаше и вооружени, мое спроведување од полициска станица до дома во придружба на вооружени службеници како најголем криминалец, товарење за дело кое не сум го направил и е АПСОЛУТНА НЕВИСТИНА!
Вчера бев изложен на јавен линч, закани и ликувања за моја осуда. Ова е цената на јавното искажување став во Македонија. Ниту имам мотив, ниту потреба да вознемирувам цели фамилии со „дојавите за бомба во средните училишта“. Очигледно некому му пречи мојата работа со профилот „Боемот“, моите сфаќања, ставови, бескомпромисност во борбата за подобро утре, независноста од политиката и слободната мисла.
„Тоа што не те убива, те прави посилен“. Затоа продолжувам со засилено темпо јавно да го искажувам моето мислење, но овој пат наместо под псевдоним ќе го додадам и моето име: Никола Николовски.
Ви благодарам на сите кои бевте моја поддршка и не се посомневавте ни за момент во мојата невиност и заеднички се боревте против дезинформациите чија цел беше да ме оцрнат, омаловажат и да ме деградираат мене и моето семејство. Јас ќе продолжам да го истакнувам својот став на сите општествени теми, бидејќи најважна ми е поддршката од младите кои бараат промени во општеството. А оние кои напишаа секакви невистини околу вчерашната случка ќе одговараат јавно пред лицето на правдата и ќе бидат преземени сите расположливи дејствија и мерки!
Утре ова може да биде секој од вас, секој што размислува различно од она што го наметнуваат властите и живеењето во ова „модерно“ време. Затоа, еднаш засекогаш мора да ставиме крај на дезинформациите и вршењето притисок врз неистомислениците.
Боемот 2.0 – Никола Николовски (или популарно кажано „Лицето Н.Н.“), пишува Николовски на својот фејсбук профил под името „Боемот“.

Инаку вчера по веста од страна на МВР, се огласија на социјалните мрежи и од невладината организација Конзерватив.мк, кои излегоа со став во одбрана на Никола Николовски, како нивен член и активист.

Неспособноста на МВР и властите резултираше кон приведување на невини лица! Во моментов нашиот член Никола Николовски, како во најцрните денови од комунизмот со над 10 службеници е приведен повеќе од 4 часа, поради сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училиштата во Скопје, велат од Conservative.mk, Идеолошки и аналитички центар.

-ОДГОВОРНО ТВРДИМЕ И ДЕМАНТИРАМЕ ДЕКА НАШИОТ ЧЛЕН НИКОЛА ИМА БИЛО КАКВА ПОВРЗАНОСТ СО ОВИЕ НАСТАНИ.
Никола е пред се’ општествено одговорен граѓанин, активист на Conservative.mk кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и fake news, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот Парламент.
Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците. Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите. Вистинските лица кои стојат позади овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани.
СТОП ЗА РЕПРЕСИЈАТА И ГУШЕЊЕТО НА СЛОБОДНАТА МИСЛА!
ПОДДРШКА ЗА НИКОЛА!, велат од Conservative.mk.

Освен Конзерватив.мк, со свој став излезе и новинарот и главен и одговорен уредник на Радио Лидер, Љупчо Златев, во одбрана на момчето.

-МВР ПРАВИ ПОЛИТИЧКА МЕСТЕНКА И ЖИГОСУВА ОДЛИЧЕН МЛАД ЧОВЕК!
Почитувани пријатели,
Ретко пишувам за вакви работи но морам да го соопштам со вас ова. Имено, неспособните од МВР кои со недели не можат да пронајдат кој дава лажни дојави за бомби вечерва прават прогон врз недолжен, перспективен и паметен млад човек.
Имено, меилот од кој денеска била пратена заканата за бомба бил потпишан со име презиме “Никола Николовски” и во описот бил поставен телефонскиот број на Никола Николовски на социјалните мрежи познат како “Боемот”. Ова претставувало доволен мотив за лудаците од МВР денеска брутанолно од неговиот дом да го проверат младиот Николовски. Тој до овој момент се уште е во полициската станица.
Никола е мој поранешен практикант и поранешен вработен на Радио Лидер. Станува збор за екстремно интелигентен и претприемлив човек од чесно семејство, кој на свои 23 години веќе изгради свој успешен бизнис со е-трговија.
Замислете, дали некој е толку глупав своето име и својот број да го стави на најава за бомба? Будалите од МВР отидоа до таму, што на прес конференција објавија дека го привеле момчето. Потоа неговите слики ги шират преку боровите на СДСМ на социјалните мрежи, срам да ви е!
Детево на мравка не гази, никогаш никаков прекршок не направил тие го теретат за ова? Што ако во меилот за дојава стоело името Зоран Заев и неговиот број? Ќе го приведевте?
Никола е слободоумен и критичен човек кој ќе го издржи ова на нозе, но вие како ќе спиете знаејќи дека брутално го наруовте мирот на една прекрасно семејство? Е тоа не знам…, пишува Златев на својот фејсбук профил.

Како и многумина други личности, градоначалници, функционери… кои многу добро го познаваат Никола и точно знаат за каква личност станува збор.