Клучен столб за транспарентност и интероперабилност

Националниот едношалтерски систем го поттикнува модернизирањето на царинските процеси и го намалува административниот товар. Тој овозможува поднесување на сите документи преку една влезна точка, го зголемува усогласувањето и ја зајакнува довербата помеѓу јавниот и приватниот сектор. Дополнително, системот подобрува координација помеѓу граничните институции и создава поповолна бизнис-клима, истакна заменик директорот на Царинската управа, Мустафа Даути, во воведното обраќање на тридневната Регионална работилница за царинските управи на Западен Балкан, што се одржува во Скопје.

Настанот се организира во соработка со Програмата за развој на трговското право при Министерството за трговија на САД, Царинската управа, Европската комисија, Министерството за финансии на Полска и Финансиската управа на Словенија. Поздравно обраќање имаа и Барнабас Биркланд, економски аташе на Амбасадата на САД, и Але Тајлер, правен советник при Програмата за развој на трговското право при Министерството за трговија на САД.

Придобивки за земјата и регионот

Националниот едношалтерски систем, како дел од Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, претставува значаен чекор напред за нашата земја и за целиот регион, додаде Даути.

„Проектот има за цел интегрирање и поедноставување на сите царински постапки во една унифицирана дигитална платформа, овозможувајќи побрзо спроведување на царинските процеси и подобрена соработка помеѓу различните институции. Ова резултира со поедноставување на процедурите за увоз, извоз и транзит, намалување на трошоците, зголемена ефикасност и транспарентност. Иницијативата не се однесува само на технологијата – таа ги поставува темелите за одржлив раст и посилна регионална поврзаност. За Западен Балкан, придобивките од ваквите системи се особено значајни бидејќи ја зајакнуваат регионалната интеграција, го поддржуваат процесот на усогласување со ЕУ и овозможуваат полесна и побрза прекугранична трговија“, нагласи Даути.