Безбедното учество во сообраќајот на најмладите е голема одговорност за целото општество, сообраќајната безбедност не е само техничко прашање тоа е вештина која треба да се учи од најмала возраст, да се практикува и постојано да се потсетува.

Токму затоа и оваа година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи ги започнуваат превентивните активности и предавања во училиштата како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.

Кога децата ги стекнуваат овие навики уште во основно училиште, се гради довербата и основата од која понатаму растат во одговорни учесници во сообраќајот не само за себе, туку и за другите.

Во изминатите пет години (2019–2024), според податоци на МВР, 771 лице го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а најчеста причина за несреќи со смртни последици и понатаму се брзото возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, и управување под дејство на алкохол. Овие бројки не се само статистики  тие се предупредување дека без грижа и дисциплина, секој учесник во сообраќајот може да заврши трагично.

Со оглед на овие сознанија, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите, родителите и децата за зголемена претпазливост и посветеност кон заедничката цел — безбедноста на учесниците, особено најмладите:

Апел до возачите и родителите:

– Пристапувајте со намалена брзина и зголемена претпазливост во зоните на смирен сообраќај (Зона 30 км/час.), особено околу училиштата и образовни институции.
– Почитувајте ја сигнализацијата и пешачките премини, особено во утринските и попладневните часови.
– Никогаш не паркирајте на места што ја попречуваат прегледноста кај пешачките премини.
– Разговарајте со децата за важноста на безбедно движење по улиците и советувајте ги да го поминуваат коловозот само на пешачки премин или надпатник или потпатник, како и да погледнат во двете насоки на сообраќај пред да зачекорат преку пешачкиот премин.
– Научете ги да користат тротоари и да се движат внимателно, особено околу паркирани возила на тротоарите.

„Мини-совети“ до малите пешаци:

– Изберете безбедна патека до училиштето – по тротоар, а не покрај коловоз.
– Преминете ја улицата само на обележан пешачки премин и, кога го има, кога е активно зеленото човече (светло) на семафорот за пешаци.
– Не играјте близу до улицата и паркираните возила.
– Никогаш не поминувајте со трчање преку улицата или помеѓу паркираните автомобили.
– Доколку некое другарче се однесува неодговорно и ненадејно излегува или игра на коловозот укажете му на грешката која ја прави.
– Бидете внимателни во близина на електричните тротинети, велосипеди и мотори, тие може да се движат со голема брзина и постои опасност да Ве повредат при движење.

РСБСП потсетува и апелира: секое непочитување на правилата носи сериозни ризици. Безбедноста не е случајност, туку резултат на дисциплина, грижа и одговорен пристап од страна на сите — возачи, родители, наставници, но пред сѐ децата.

Заеднички, можеме да го направиме патот до училиште безбеден— да ги заштитиме децата во сообраќајот, секој ден, на секое место!

Преземено од Курир