Почина познатата македонска театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова, соопшти Драмскиот театар од Скопје. Од театарот изразија сочувство до семејството и најблиските, нагласувајќи дека македонскиот театар загуби голем уметник.

„Со длабока тага и неверување ја примивме веста дека почина нашата драга колешка и актерка Ленче Делова. Нејзиниот талент, топлина и насмевка ќе останат засекогаш во нашите срца и спомени. Театарот загуби уметник, а ние пријател и прекрасен човек. Почивај во мир“, напишаа од Драмски театар Скопје на социјалните мрежи.

Ленче Делова беше родена на 15 јуни во Скопје. На сцената на Драмскиот театар првпат настапи во 1964 година како аматерка, а од 1970 година се вработи во театарот, каде работеше сè до пензионирањето во 2013 година.

Во текот на својата кариера освои бројни признанија. Во 2006 година ја доби наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, а во 1978 година со улогата на Офелија во „Хамлет“ ја доби наградата „13 Ноември“.

Ќе остане запаметена по низа значајни улоги на сцената, меѓу кои Пере во „Дундо Марое“, Александра во „Егор Буличов и другите“, Естер во „Виктор или деца на власт“, Ивона во „Ивона, кнегиња бургундска“, Роза во „Игранка во времето на Лунаса“ и Трајанка во „Ни ќар ни зијан“.

Во својата кариера важеше за актерка со препознатлив и автентичен сценски сензибилитет, која остави силен белег во македонскиот театар и филм.