Благојче Илиевски, кој скоро две години добиваше уверувања дека ќе го добие скапиот лек за цистична фиброза, ја изгуби битката со болеста. Тој беше дел од осумте критични пациенти за кои се бараше лекот итно да им се набави. Со кислородна боца Благојче бараше поддршка и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.

Во неговата последна изјава, Благојче се надеваше дека е во онаа група од осум пациенти кои се во најтешка здравствена состојба.

„Јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот не ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието до секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам. Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“, се вели во последната изјава на Илиевски.

 

Со големо жалење можам да кажам дека го изгубивме иако стравувавме најмногу за друга пациентка. Благојче беше упорен. Оваа болест е таква што не можете да предвидите. Изненади многу. Другите седум пациенти се во иста состојба како Благојче. Ова е доказ дека не можете да ја процените болеста и за пациент за кој сте процениле дека има време – нема време. Времето е луксуз“, посочува Гаспар

Министерот за здравство, Беким Сали, не знае дали ќе се чека нов министер за набавката на скапиот лек за лицата болни од цистична фиброза ниту, пак, дава временска рамка во која лекот би се набавил. Тој посочува само дека треба да се изменат неколку закони за лекот да може да се набави, а тоа е веќе познат став.