Холивудската икона Чак Норис почина, потврди неговото семејство. Актерот ден претходно бил хоспитализиран на Хаваи.

Веста за смртта ја соопшти семејството, кое во емотивна порака истакна дека Норис живеел со силна посветеност кон луѓето што ги сакал.

„Преку својата работа, дисциплина и добрина инспирираше милиони ширум светот и остави траен белег во многу животи. На неговите обожаватели им порачуваме – не му бевте само обожаватели, туку му бевте пријатели“, соопшти семејството Норис.

„Иако би сакале околностите да ги задржиме приватни, знајте дека беше опкружен со своето семејство“, се додава во соопштението.

Норис зад себе остави богато филмско и телевизиско наследство и беше препознатлив по улогите на строг и непобедлив јунак, што го претвори во поп-културна икона и инспирација за бројни шеги за неговата „непобедливост“.

Пред актерската кариера, тој беше исклучително успешен во боречките вештини, освојувајќи шест светски титули во карате во средна категорија. Тој е и основач на американската школа за карате „Чун кук до“.

Роден како Карлос Реј Норис на 10 март 1940 година во Рајан, Оклахома, пораснал во сиромаштија. На 12 години се преселил во Калифорнија, а во 1958 година се приклучил на американските воздухопловни сили. За време на службата во Кореја започнал да тренира боречки вештини, вклучувајќи џудо и танг су до.

По отпуштањето од војската во 1962 година, отворил студио за боречки вештини кое подоцна прераснало во синџир. Меѓу неговите ученици биле познати имиња како Боб Баркер, Присила Пресли, Дони и Мари Осмонд и Стив Меквин, кој го охрабрил да се посвети на глумата.

Филмската кариера ја започнал во 1968 година, а светска слава стекна со улогите во филмовите „Исчезнати во акција“, „Делта форс“ и „Другари“. Неговото пријателство со Брус Ли доведе до легендарната борба во филмот „Враќањето на змејот“ од 1972 година.

Најголема популарност стекна со серијата „Вокер, тексашки ренџер“, која се емитуваше девет сезони. Во 2010 година доби титула почесен тексашки ренџер, а подоцна беше прогласен и за почесен Тексашанец.

Во последните години од животот беше повлечен од јавноста, но повремено се огласуваше на социјалните мрежи. Само 10 дена пред смртта објави видео на кое вежба и порача: „Не стареам, само преминувам на повисоко ниво.“

Во приватниот живот имаше два брака и пет деца. Од 1998 година беше во брак со Џина О’Кели, со која имаше близнаци. Претходно беше во брак со Дијан Кеј Холечек, со која има два сина, а има и ќерка од вонбрачна врска.

Смртта на Чак Норис означува крај на едно значајно поглавје во поп-културата, оставајќи зад себе наследство што ја надминува неговата филмска слава.