Во 103. година од животот почина д-р Никола Стојановски, првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија, долгогодишен претседател на Сојузот на борците и последен жив партизански учесник во Народноослободителната борба. Веста за неговата смрт ја потврдило семејството.

Како највозрасен пратеник во тогашниот состав, Стојановски претседавал со конститутивната седница на првото повеќепартиско Собрание на 8 јануари 1991 година. Седницата ја водел до изборот на Стојан Андов за претседател на Собранието.

„Се сеќавам на тоа турбулентно време. Секоја партија сакаше да преовладува, нивните ставови да се слушнат. Првпат повеќепартиски парламент. Но, морав смирено да ја водам седницата, да ги сослушам, да се почитува редот. Сè до изборот на Стојан Андов за претседател, успевав да го задржам редот во салата“, раскажувал Стојановски за тој период.

Тој бил и учесник во штрајкот на велешките гимназијалци во март 1942 година против употребата на бугарскиот јазик во наставата. Како последен жив партизански учесник во НОБ, Стојановски остана еден од последните непосредни сведоци на антифашистичката борба и создавањето на македонската државност.

Роден е на 8 февруари во велешкото село Скачинци. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а во 1958 година специјализирал педијатрија во Загреб. Целиот работен век го поминал како лекар, а бил и директор на Велешката болница.

Местото и терминот на погребот ќе бидат соопштени дополнително.