Димовски почина на 45-годишна возраст. Колегите, соработниците и работниците, велат од ССМ, ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија

Почина претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски.

Веста ја објавија од ССМ, а пријателите и соработниците на социјалните мрежи се збогуваат со синдикалниот лидер.

„Со жалење информираме дека по кратко боледување на 45 годишна возраст, почина претседателот на ССМ, Дарко Димовски. Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија. Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочуство на неговото семејство“,

објавија од ССМ.

 

Димовски е претседател на ССМ од 2017 година позиција за која се кандидираше од претседателското место во Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ).

Едно од последните појавувања на Димовски во јавноста беше на протестот пред Владата на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, каде тој беше со нарушено здравје и говорот го држеше седнат на стол.

„Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе да се сплоти и да им кажеме „не“ на тие што не мислат на нас, што си гледаат само за себе“,

повика Димовски на првомајскиот протест.