Еден од научниците кои ја дефинираа структурата на ДНК синџирот, Џејмс Вотсон, почина на 97-годишна возраст, објавија светските медиуми.

Вотсон, заедно со Франсис Крик и Морис Вилкинс, ја доби Нобеловата награда за физиологија или медицина во 1962 година. Тие ја добија наградата за откритија поврзани со молекуларната структура на нуклеинските киселини и нивното значење за пренос на информации во живите материјали.

Вотсон го направи своето најголемо откритие кога имаше само 24 години, што во следните децении го направи личност крунисана со слава во светот на науката, објави „АП“.

Вотсон беше брилијантен, но контроверзен американски биолог чие откривање на структурата на ДНК во 1953 година го означи почетокот на ерата на генетиката и ги постави темелите за биотехнолошката револуција на крајот на 20 век.

Неговото истражување овозможи подобро разбирање за тоа како ДНК се реплицира и пренесува генетски информации, отворајќи го патот за брз напредок во молекуларната биологија.

Сепак, кариерата на Вотсон беше обележана со контроверзии. Неговите почесни дипломи не беа обновени во 2019 година откако тој повтори контроверзни коментари за расата и интелигенцијата, тврдејќи дека гените влијаат на разликите во просечните резултати помеѓу црнците и белците на тестовите за интелигенција.

Неговата смрт беше потврдена од лабораторијата „Колд Спринг Харбор“ на Лонг Ајленд, каде што Вотсон работеше многу години. Според „Њујорк тајмс“, тој почина оваа недела во хоспис на Лонг Ајленд.