На 74-годишна возраст, по кратко и тешко боледување, вчера почина пензионираниот генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев, еден од најистакнатите воени лидери на Македонија и поранешен началник на Генералштабот на Армијата.
Ѓорѓи Бојаџиев е роден на 31 март 1950 година во Ново Село, Струмица. Своето средно образование го завршил во 1969 година, по што ја продолжил својата воена кариера на Воената академија на Копнената војска на Југословенската Народна Армија (ЈНА), каде што дипломирал во 1973 година. Во 1995 година, како припадник на Армијата на Република Македонија (АРМ), ја завршил Командно-штабната академија, а во 2001 година го достигнал највисокиот степен на воено образование, завршувајќи го Школото за национална одбрана во Франција.