Тој почина во болницата во Љубљана каде што беше донесен поради тешко воспаление на белите дробови.
„Почитувани пријатели, со тага ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ не напушти. Почивај во мир драг наш Боки“, стои во објавата на Рибља чорба на Фејсбук.
Рибља чорба претходно ги откажа сите настапи поради неговата здравствена состојба.
Бора Ѓорѓевиќ, попознат како Бора Чорба, е роден на 1 август 1952 година во Чачак, Србија. Најпознат е како основач, пејач и главен автор на рок групата Рибља чорба.
Првиот албум на Рибља чорба „Коска во грлото“ беше издаден во 1979 година, по што оваа група веднаш стана една од најважните на југословенската рок-сцена.
Нивните песни како Кукла од насловната страница, Види си го домот, ангелу и Два динари, друже… станаа химни на генерации.
Во текот на 1990-те, Бора Чорба јавно го поддржуваше режимот на Слободан Милошевиќ и беше близок до Српската радикална партија (СРС) и нејзиниот лидер Воислав Шешељ.
Тој ја критикуваше меѓународната заедница, НАТО и западните земји, особено за време на НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 година. По падот на режимот на Милошевиќ, Бора продолжи да ги искажува своите политички ставови, поддржувајќи различни политички партии и личности во Србија кои имаа радикални или националистички ставови.
Во јуни годинава тој беше награден од Милорад Додик, за „исклучителни заслуги за Република Српска“.